- This event has passed.
Стручна сесија: „Премостување на празнините – анатомски, хистолошки и физиолошки перспективи во урологијата“

Во рамките на активностите на Македонското здружение по урологија (МЗУ) по повод светската кампања Movember 2024, на 9 ноември 2024 година во просториите на Деканатот на Медицинскиот факултет при УКИМ – Скопје, се одржа заедничка стручна сесија во соработка со Здружението на анатоми, физиолози и хистолози при УКИМ, посветена на фундаменталните научни основи кои претставуваат темел на современата урологија.

Настанот беше организиран под наслов „Премостување на празнините – анатомски, хистолошки и физиолошки перспективи во урологијата“, со цел да се зајакне интердисциплинарната соработка меѓу базичните и клиничките медицински науки, да се унапреди размената на знаења и да се истакне значењето на анатомијата, хистологијата и физиологијата во дијагностиката и третманот на уролошките заболувања.

Програмата опфати повеќе актуелни теми:
- „Морфолошки карактеристики на уринарниот систем“ – ас. д-р Анамарија Паункоска;
- „Ембрионалниот развиток на уринарниот систем кај човекот и нарушувања кои настануваат во текот на развитокот“ – проф. д-р Лена Какашева Маженковска;
- „Најважни процеси вклучени во физиолошката функција на уринарниот систем“ – ас. д-р Вангел Ристовски;
- „Ендоскопска и лапароскопска анатомија во урологијата“ – д-р Јетон Ќамили;
- „Вродени аномалии на уринарниот тракт“ – д-р Стефан Лазороски;
- „Бенигна простатична опструкција (БПО)“ – д-р Пеце Петковски.
Предавањата предизвикаа голем интерес и поттикнаа плодна дискусија меѓу уролозите, анатомите, физиолозите, хистолозите, специјализантите и студентите по медицина. Присутните имаа можност да ги продлабочат своите знаења за фундаменталните принципи кои претставуваат основа за правилно разбирање на уролошката патологија и современите хируршки и ендоскопски техники.
По завршувањето на стручниот дел беше организиран пригоден коктел, кој овозможи дополнителна професионална комуникација и размена на искуства меѓу учесниците.

Македонското здружение по урологија изразува искрена благодарност до KRKA, Словенија, чија поддршка овозможи успешна реализација на овој настан. Ваквите заеднички активности претставуваат значаен дел од програмата на Movember, чија цел е не само подигнување на јавната свест за машкото здравје, туку и континуирана едукација и професионално усовршување на здравствените работници.

