На 28.02.2025 година, во пријатниот амбиент на Хотел „Романтик“, на брегот на Велешкото Езеро, се одржа секцискиот стручен состанок на Македонското здружение по урологија на тема „Модерни пристапи во третманот на уролитијаза: Технологија и експертиза“.
Настанот го отвори претседателот на Македонското здружение по урологија, проф. д-р Скендер Саиди, кој во поздравното обраќање ја истакна важноста на континуираната медицинска едукација, размената на искуства и примената на современите технологии во третманот на уролитијазата.
Во рамките на стручната програма беа одржани предавања за shock-wave литотрипсија, флексибилна уретерореноскопија и ласерска литотрипсија, како и перкутана нефролитотрипсија и пиелолитотомија. Темите предизвикаа особен интерес кај присутните, со активна дискусија, бројни прашања и размена на клинички искуства.
Стручниот дел беше дополнително збогатен со дискусија отворена од проф. д-р Скендер Саиди преку презентација на комплексен клинички случај на уролитијаза.
Македонското здружение по урологија им изразува искрена благодарност на сите предавачи и учесници за нивниот придонес, активното учество и плодната дискусија.











